Тука си: Почетна » Вести » Трансфер ‘лудилото’ штотуку започна. Еве дел од имињата.
Трансфер ‘лудилото’ штотуку започна. Еве дел од имињата.

Трансфер ‘лудилото’ штотуку започна. Еве дел од имињата.

Facebook Twitter

Шпекулациите кога станува збор за трансфер пазарот се актуелна тема во текот на целата година, а посебно добиваат на интензитет сега кога и официјално е завршена сезоната во најсилните европски првенства.

Како и секогаш, Јувентус е во центарот на нашиот интерес, но и тим кој воопшто во цела Европа е еден од најактуелните и се поврзува со многу имиња како потенцијални засилувања за следната сезона.

Од она што се најавува во Италија, пред се кога станува збор за заминувањата од клубот е извесното заминување на Пелузо, Падоин, Кваљарела и Вучиниќ. Според најавите, овие фудбалери речиси сигурно го напуштаат клубот и нема да бидат дел од него во новата сезона. Неизвесно е и останувањето на Исла и Џовинко, додека Освалдо најверојатно ќе биде вратен во екипата на Саутемптон, со оглед на високата цена одредена за негов откуп (19 милиони евра) и не толку убедливите настапи за периодот поминат во Јувентус. Исто така, неизвесно е и останувањето на третиот голман Рубињо, кој би можел летово да го напушти клубот.

Многу посложена е ситуацијата кога се работи за фудбалерите кои би пристигнале во клубот како засилувања за следната сезона.

Листата е многу голема и се шпекулира со многу имиња. За дел од нив постои реален интерес од клубот, но голем дел од нив се само предмет на новинарска шпекулација.

Од она што доаѓа од медиумите кои се покажаа како доста релевантни кога станува збор за трансфер пазарот на Јувентус, но и воопшто во калчото , Ви издвојуваме.

Маноло Габиадини, кој е во ко-сопственост помеѓу Јувентус и Сампдорија, најверојатно ќе ја одигра првата сезона во дресот на Јувентус. Според медиумите во Италија, 22 годишниот крилен напаѓач ќе биде првото засилување на клубот за следната сезона, што му дава можност на тренерот поголема слобода за менување на формацијата (4-3-3). Габиадини сезонава постигна 8 голови во дресот на тимот од Џенова.

Доменико Берарди кој имаше одлична сезона во екипата на Сасуоло, најверојатно останува и следните година дена во тимот од Реџо Емилија, со цел стекнување на поголемо искуство во Серија А, што би значело враќање во Јувентус од сезоната 2015/2016, на 20 годишна возраст.

Според експертот на Скај Спорт Италија, Џанлука Ди Марцио, претставници на Јувентус попладнево ќе имаат состанок со челниците на Удинезе, на кој ќе се разговара за тројца фудбалери. Јуве е заинтересиран за Антонио Кандрева, чија една половина од договорот ја поседува тимот од Удине, ситуација иста како и онаа со Квадрадо за кој бјанконерите ќе побараат повеќе информации и сакаат да дознаат дали е можно вклучување во трката за овој фудбалер. Сепак, екипата на Фиорентина има предност при откупот на вториот дел од неговиот договор. Јувентус е исто така заинтересиран и за 23 годишниот играч од средниот ред на Удинезе, аргентинецот Роберто Переира.

Најактуелни, како и секогаш, се имињата во нападот. Од она што досега постои како потврдена информација, бјанконерите се сериозно заинтересирани за напаѓачите на шпанските гиганти, Барселона и Реал Мадрид. За едниот, Алексис Санчез, интересот го потврди Бепе Марота, додека за Алваро Мората, Конте изјави дека е сјаен играч на кој му предвидува блескава иднина.

Чилеанецот Алексис Санчез, наводно ја дал сојата согласност за премин во Јуве, каде секако би имал поголема минутажа од екипата на Барселона, би бил стандарден првотимец и една од ѕвездите на тимот. Сепак, оштетата која ја плати Барселона за негово ангажирање (околу 37 милиони евра со вклучени бонуси) би можела да биде проблем за неговото евентуално пристигнување во Торино.

Од друга страна пак е малдиот напаѓач на кралевите Мората за кој Конте има само пофални зборови и го сака во тимот за следната сезона. Се очекува првичен контакт со тимот од Мадрид на 2 јуни во Торино, за кога е закажан хуманитарниот натпревар помеѓу легендите на двата тима.

Јувентус (Конте) ги сака и двајцата фудбалери и се надева дека ќе ги има во тимот за следната сезона.

Денес конечно и потврда на интересот на Јуве за Дидие Дрогба кој летово го напушта Галатасарај. Робусниот напаѓач за разлика од предходно споменатите е краткорочно решение за нападот на Јуве, за кое Конте ќе го има последниот збор околу можното негово ангажирање.

Се споменуваат уште десетици имиња како можни засилувања, дел за следната сезона, дел како инвестиција за во иднина.

Голманот на Удинезе со одлична перспектива, 17 годишниот Скуфет, десниот бек на Авелино – Давиде Запакоста, Александар Коларов, стоперот на Интер, Андреа Ранокија, Адриано од Барса, Патрис Евра, Игнацио Абате, Сенад Лулиќ, Нани, Фреди Гуарин, Даниеле Базели од Аталанта, Адриен Рабиот од ПСЖ, Марио Манџукиќ, Един Џеко и уште многу други.

Што од сето тоа ќе се реализира, останува да видиме.

Иако официјално пазарот се отвора на 1 јули, трансфер лудилото штотуку започна!

Коментирањето е затворено

Оди на врвот
Close
Придружете ни се!
Станете дел од најголемото македонско црно-бело семејство!