Тука си: Почетна » Фан Клуб » CLUB DAY 2013
CLUB DAY 2013

CLUB DAY 2013

Facebook Twitter

Секоја година централата или координативниот центар на сите Јувентус ДОК клубови (Centro Coordinativo Juventus Club DOC – CCJCD) организира настан на кој се поканети сите раководства на Јувентус ДОК клубовите, настан на кој гостуваат и официјалните лица на Јувентус каде тие ја пренесуваат визијата, принципите или значењето на Јувентус до навивачите. Иако се поканети сите ДОК клубови, воглавно присуствуаат Италијаните кои се најбројни како поединечни клубови во семејството во кое и ние се приклучивме од последнава 2012/2013 сезона. Денот се планира тогаш кога Јувентус игра дома, но од 15:00 часот во недела (интересно е што лани 2012 немало таков термин), па и натпреварот со Сиена беше на програмата на овој настан.

Веднаш да разјасниме (за да нема погрешно толкување на оваа моја „привилегија“), трошоците за целиот настан не ги обезбедува ДОК ниту Јувентус, и е на терет на самите посетители,  а единствено олеснителна околност е што не се доплаќа никаква аконтација за учеството. Дури ни картата против Сиена не ја обезбедија (иако се мислеа на такво нешто) , што укажува дека економската криза е присутна и во Италија J. Со оглед дека ние како друштво сеуште не сме во можност да покриваме било какви дополнителни трошоци (освен оние за егзистирање на неопходниот правниот субјект во нашата ни држава), јас си бев „спонзорот“.

Овој настан го искористив да поминам и до канцеларите на CCJCD за да ги преземам членските картички со се подароците.
Club day 2013 - 2Очекував и планирав да имам „домаќин“ во претседателката на ДОК клубот од Хрватска (Бугарите не одеа, а Словенците не одговорија), кои се ДОК членови веќе 7 години, но за жал тој викенд беше најголемата снежна бура во Опатија и таа беше спречена да дојде на настанот, па останав без водич.

Местото на одржување беше деловниот центар Конкордија, во близина на стадионот на Јувентус за лесно да се префрлиме оттаму за натпреварот.

Уште во близина на зградата се гледаат само црно-бели облеки кои се упатуваат кон Конкордиа, а внатре сите во боите на својот клуб .

 

Се запишав, добив промотивен материјал и тоа е тоа – влегуваме во салата. Вкупно 250-300 посетители ја пополнија салата и нетрпеливо чекаме да почне настанот. Очекувано беше да се присутни Ањели и Марота, но оваа година и Недвед беше напишан на плочките на главната маса, покрај претставниците на ДОК централата. Остануваше само непознато кој од играчите ќе биде гостин – најчесто тие што тој ден не играат натпревар.

Запознавање со оние кои седнаа до мене, се разбира Италијанци од југот на земјата, изненадени и радосни што се запознаа со „Мачедониа“ J

Се појави водителот (него, за жал, не успеав да го „идентификувам“) и тој даде своја поетска дефиниција за навивачите на Јуве, секогаш желни за победа, секогаш со најголема страст и никогаш не се откажуваат (Fino alla Fine!)

Следи претставувањето на домаќините Мариела Ширеа – почесен претседател на ДОК клубот, Езио Морина – Директор на ДОК и Антонио Кровела – комерцијален раководител на администрација на ДОК,.Потоа се претставија и гостите од Јувентус – Алдо Мацио – ЦЕО на Јувентус и Франческо Калво – комерцијален директор во Јувентус, а на крај и ѕвездите на настанот: Прво се појави Бепе Марота, потоа Павел Недвед – секако цела сала ја почна познатата поздравна песна Pavel, Pavel – NEDVED! NEDVED!…морниците само се слеваат низ телото…за потоа да се појави и „шефот“ – Андреа Ањели. Како извежбани сите станавме за стоечки овации извикувајќи „CE UN PRESIDENTE!!” (има само еден Претседател!).

Club day 2013 - 3

Од лево кон десно: Езио Морина, Бепе Марота, Павел Недвед, Андреа Ањели, Мариела Ширеа, Алдо Мациа, Франческо Калво, Антонио Кровела

Прва збор доби госпоѓа Ширеа, сопругата наГаетано Ширеа, легенда на Јувентус, симбол за спортист и фер-плеј, но за жал рано починат. Госпоѓа Ширеа секогаш е присутна во клубот и оттаму вистински спој на Јувентус со навивачите од ДОК клубовите – таа беше во близина на играчите кога се подигнуваше и последниот пехар за Скудетото – впечатлива со белата коса и црно-бели наочариJ. Ги поздрави и се заблагодари на сите кои се дел од Јувентус семејството, кое таа секогаш го имала заедно со нејзиниот сопруг.

Club day 2013 - 4Потоа Ањели – ја истакна важноста на навивачите и секако на ДОК организацијата која во двете насоки ја канализира енергијата на најверните  (DOC) навивачи и клубот. Кажа дека победничкиот менталитет му е длабоко всаден, наследен директно од фамилијата која го воздигна Јувентус во еден од најголемите клубови на светската сцена и дека тој и понатаму ќе го пренесува во клубот. Задоволен од досегашната работа на сите во клубот, даде уверување дека работата е далеку од завршена и дека продолжуваме само во нагорна линија.

Club day 2013 - 5Недвед ја истакна блискоста со навивачите, поддршката што секогаш ја добиваат играчите на теренот и надвор од него. Ја објасни неговата улога во пренесување на борбеноста и победничкиот менталитет кон тимот. Тој потенцираше за значењето на Конте и ги пофали играчите дека максимално се залагаат и даваат се` од себе на теренот – единствениот начин како да се освои нешто во светот на фудбалот.

 

 

Марота кажа дека пристапот на клубот е да се креира тим како победничка машина, која постојано ќе гази пред себе, тим кој постепено ќе се унапредува, таму каде треба. Повтори дека паралелено но и засилено ќе се развива младинсиот кадар, од каде воглвано ќе се црпат талентите кои ќе се приклучуваат кон првиот тим, наместо купување на звучни имиња од трансфер пазарот.

Следен од говорницата Генералниот директор (или Chief Executive Officer) на Јувентус, А. Мациа го прикажа планот за развој на инфраструктурата, која во голема мерка е фактор за понатамошен континуиран успех на тимот. Комплексот околу новиот стадион понатаму ќе се надополни со помошен терен каде ќе се одржуваат тренинзите на првиот тим. Тековниот, Виново Центар (кој е на периферијата на Торино), ќе биде воглавно наменет за младите категории, таму сега се наоѓа и Јувентус академијата (Juventus College). Околу стадионот ќе биде изграден и луксузен хотел, но и станбени објекти наменети за играчите за да им се обезбеди уште подобри услови за живеење и тренирање, но и за сите оние кои се поврзани со клубот.

Комерцијалниот директор на Јувентус, Ф. Калво, укажа на запознаеноста со тековниот проблем при набавката на картите за ДОК членовите, тоа дека многу мал број на карти се обезбедуваат на барањата. Сепак даде убедување дека ќе направат максимални напори да се намали нелегалната препродажба на карти преку други канали, а бројот на карти за ДОК ќе се зголеми, што беше поздравено од присутните.

Club day 2013 - 6Потоа следеше откривањето на играчот гостин – Симеоне Пепе, и сите повторно станавме за да му ја искажеме поддршката во оваа тешка сезона за него каде повредата го оддалечи од теренот. За жал ова се случи на самиот почеток на оваа сеозна, по прекрасната минатогодишна, кога Пепе беше еден од најдобрите играчи на теренот и сите не` радуваше со голови и огромна пожртвуваност. Се заблагодари и потврди дека ја чувствува блискоста на навивачите и дека тоа му помага да ги надмине предизвиците кои сега се пред него и вети брзо враќање на зелениот терен.

 

Како играч на годината од страна на ДОК членствот беше објавен резултатот од гласањето и тоа беше Клаудио Маркизио.

Следеа прашања  кон гостите, а како најзабавно ќе го издвојам само она упатено до Недвед за кој се знае дека е сосед на Ањели и дека редовно заедно играат фудбал, па мораше да каже каков играч е Ањели, т.е. „дали го бива“J. Секако го пофали дека е добар во одбраната, односно дека се бори максимално, со што ги избегна незгодните оцени за останатите карактеристики на фудбалската игра на Претседателот.

Club day 2013 - 7Со завршувањето на настанот, ѕвездите на настанот се одолжија на бројната публика со давање на автограми и така нашето лого се закити со потписите на Ањели, Недвед и Пепе.

Потоа следеше коктел, но со оглед дека натпреварот се наближуваше, набрзо се упативме кон стадионот – следеше незаборавното искуство и победата од 3:0 против Сиена.

Се` на се`, задоволен сум што Македонија беше гостин на настанот и имаше официјална благодарница (во форма на приказ на екран во салата), со оглед дека е ова прва (неполна) година од постоење на нашиот ДОК клуб. До следната прилика очекувам многу повеќе контакти со другите претседатели од ДОК и претставување на нашето здружение во поголем број. Можеби сеуште не може да се согледа големината на ова остварување – официјален Јувентус ДОК клуб во Македонија, кое го реализиравме со заедничка љубов, страст и мисла, во само некоку месеци. Сонот да се стигне во Торино, да се биде на Јувентус арената, веќе е реалност и секој од нас членовите во иднина ќе може да редовно тоа да го практикува. Патувањето го започнавме, веќе нема враќање – Јувентус не ни бил поблиску никогаш досега, сега сме и ние дел од Јувентус – Storia d’un Grande Amore и FINO ALA FINE, FORZA JUVENTUS ги пееме на Јувентус арената и ние!

Искрено Ваш – Игор Стевковски

Club day 2013 - 8

 

Коментирањето е затворено

Оди на врвот
Close
Придружете ни се!
Станете дел од најголемото македонско црно-бело семејство!